Европската унија се согласи да ја прошири својата трета рунда на санкции против Русија со цел да се таргетираат поголем број олигарси и функционери блиски до претседателот Владимир Путин. Санкциите се воведуваат поради неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина која започна пред скоро две недели.
Француското претседателство со Советот на ЕУ на Твитер објави дека новите санкции ќе се однесуваат на „руските лидери и олигарси и членовите на нивните семејства вмешани во руската агресија врз Украина“.
Третиот круг санкции што се воведуваат кон Русија, кој е и најголемиот пакет санкции од ЕУ од почетокот на инвазијата, вклучува замрзнување на имотот на руската централна банка во блокот и забрана за медиумите на Кремљ во Европската унија.
Француското претседателство соопшти дека новите санкции, одобрени денеска, исто така го таргетираат поморскиот сектор и имаат цел да исклучат три белоруски банки од системот за финасии СВИФТ, го опфаќаат прашањето за криптовалутите и даваат целосен список на технологии и стоки кои не може да се продаваат меѓу Русија и Унијата. Нема детали кои банки во Белорусија и помогнале на Москва во инвазијата или кои технологии и стоки се вклучени во санкциите.
„Овие санкции ќе бидат формално усвоени од Советот по писмена процедура со цел нивно брзо објавување во Службениот весник на Европската унија“, се вели во соопштението.
ЕУ досега санкционираше 680 лица и 53 ентитети откако Русија изврши анексија врз Крим во 2014 година, ја призна независноста на регионите Луганск и Доњецк во источна Украина и ја нападна земјата на 24 февруари.