Полска подготвена да ги предаде руските авиони на базата на САД во Германија

МиГ-21

Полска соопшти дека е подготвена да ги предаде сите свои авиони МиГ-29 на американската воздухопловна база во Германија и ги повика другите членки на НАТО со ист тип воени авиони од руско производство да го сторат истото, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Американските пратеници ја притиснаа администрацијата на претседателот Џо Бајден на 7 март да го олесни трансферот на борбени авиони во Украина од Полска и другите земји од НАТО и Источна Европа, по молбата од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Властите на Република Полска се подготвени да ги распоредат, веднаш и бесплатно, сите свои авиони МиГ-29 во воздухопловната база Рамштајн и да ги стават на располагање на Владата на Соединетите Американски Држави“, соопшти полското МНР.

Истовремено, како што се наведува Полска бара од САД да и обезбедат користени авиони со соодветни оперативни способности.

„Полска е подготвена веднаш да ги воспостави условите за купување на авионите“, се додава во соопштението.
Полската влада исто така апелираше до другите земји кои имаат авиони МиГ-29 да го следат примерот.

Бугарија и Словачка, исто така, сè уште имаат борбени авиони од советско производство во нивните воздухопловни сили.