Мекдоналдс се повлекува од Русија

Илустрација

Глобалниот синџир за брза храна Мекдоналдс објави денеска дека привремено ги затвора сите 850 локации во Русија, и им се приклучува на бројните западни бизниси кои ја напуштија Русија по нејзината неиспровоцирана инвазија на соседна Украина.

„Конфликтот во Украина и хуманитарната криза во Европа предизвикаа неискажливо страдање на невините луѓе“, рече извршниот директор на Мекдоналдс, Крис Кемпчински во изјавата до која дојде Радио Слободна Европа.

Кемпчински додаде дека корпорацијата со седиште во САД продолжува да ги поддржува своите вработени во Украина, вклучувајќи исплата на „целосни плати“ и придонесување со 5 милиони долари во фондот за помош на вработените.

Мекдоналдс, исто така, привремено затвори 108 ресторани во Украина.
За разлика од другите големи брендови за брза храна во Русија кои се во сопственост на франшизи - вклучувајќи ги КФЦ, Пица Хат, Старбакс и Бургер Кинг- Мекдоналдс поседува 84 отсто од нејзините локации во Русија.

Матичната компанија на КФЦ и Пица Хат вчера соопшти дека ќе го донира целиот профит од своите 1.050 ресторани во Русија за хуманитарни акции. Старбакс соопшти дека исто така ќе го донира профит од своите 130 руски продавници за хуманитарни цели.

Многу корпорации ја прекинаа работата во земјата во знак на протест поради инвазијата во Украина. Меѓу нив е и конгломератот за производи за широка потрошувачка Унилевер, кој на 8 март соопшти дека го суспендирал целиот увоз и извоз на своите производи во и надвор од Русија и дека нема да инвестира натамошен капитал во земјата.