САД воведе забрана за увоз на руска нафта, јаглен и гас

САД воведе забрана на увоз на руски енергенси, соопшти пред малку американскиот претседател Џо Бајден во неговото обраќање до нацијата. Забраната вклучува употреба и увоз на руска нафта, природен течен гас и јаглен.

Тој изјави дека е свесен оти ЕУ не може да ги следи САД до крај во овој чекор, но американските компании имаат поголемо домашно производство на нафта од сите европски земји заедно.

„Ние можеме да го преземеме овој чекор, додека другите земји не можат“, вели Бајден.

Тој додаде дека во меѓувреме САД ќе продолжи да работат блиску со своите европски сојузници за стратегија за побрза транзиција кон чиста енергија добиена од обновливи извори.

„Ние нема да бидеме дел од субвенционирањето на војната на Путин“, изјави Бајден

ЕУ до 2030 година ќе се ослободува од зависноста од руските енергенси

Неговата изјава доаѓа во 13 ден од воениот конфликт по руската инвазија врз Украина. Бајден изјави дека забраната за користење на руска нафта во САД е „моќен удар“ за војната на рускиот претседател Владимир Путин и ги предупреди Американците дека „одбраната на слободата ќе чини“. Овој потег е поддржан и од американскиот Конгрес, вели Бајден.