Европската комисија планира да „ги ослободи“ земјите од ЕУ од зависноста од руските енергенси до пред 2030 година. Европската комисија ги претстави главните точки на планот за независност на Европа од руските фосилни горива пред 2030 година – почнувајќи од гасот. Оваа информација е објавена во услови на сериозни тензии откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да ја нападне Украина.
„Не може да се потпреме на добавувач кој „експлицитно и се заканува“ на Европската унија“, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во соопштението за медиумите.
Европскиот план предвидува да се забрза работата на ЕУ за обновливите извори на енергија, да се замени рускиот гас со нови добавувачи, особено со течен природен гас (ЛНГ) и да се намали потрошувачката на енергија во блокот.
Комисијата соопшти дека мерките може да ја намалат побарувачката на ЕУ за руски гас за две третини пред крајот на 2022 година.
„Војната на Путин во Украина ја покажува итноста за забрзување на нашата транзиција кон чиста енергија“, вели потпретседателот на Европската комисија задолжен за животна средина, Франс Тимерманс во соопштението за медиумите.
Конфликтот во Украина и последователните санкции наметнати кон Русија „вбризгуваа итност“ во овој потфат, не само затоа што рускиот гас стигнува до блокот преку украинска територија, туку и поради стравувањата дека Русија може да го прекине снабдувањето, што значи дека мора да се најдат алтернативи, се вели во извештајот на германската новинска агенција ДПА.
Русија отворено се закани дека ќе ја запре испораката на гас во Европа.
ЕУ во голема мера се потпира на руските фосилни горива.
Според проценките на Комисијата, околу 90 отсто од гасот што се користи во ЕУ се увезува, а Русија обезбедувала 45 отсто од тие увози на различни нивоа во земјите-членки на ЕУ во 2021 година.
Соединетите Американски Држави во моментов расправаат за ембарго на увозот на руска енергија, додека италијанската влада сака да го замени рускиот гас, предвидувајќи тешкотии во снабдувањето во услови на непријателства, јавува германската новинска агенција ДПА.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот се спротивстави на повиците за забрана на увозот на руски енергенси.
„Снабдувањето со енергија во Европа, за производство на топлина, за транспорт, за електрична енергија и за индустријата во моментов не може да се обезбеди на друг начин“, изјави во понеделникот Шолц.
Според плановите на Комисијата, капацитетите за складирање гас на ЕУ треба да се полнат до најмалку 90% до октомври секоја година пред почетокот на студената сезона.
Според европските планови во потрагата по нови извори на гас, фокусот е на добавувачите на ЛНГ од САД и Катар. Како добавувачи во плановите на комисијата се посочени и Азербејџан, Алжир, Норвешка. Во тек се разговори со големите купувачи на ЛНГ, вклучувајќи ги Јапонија, Јужна Кореја, Кина и Индија, за пренасочување на вишокот залихи во Европа по морски пат како среднорочно решение.
Планот вклучува и „пакт за обновлива енергија“ за намалување на употребата на гас и зајакнување на проширувањето на соларната, ветерната и хидроенергијата.
„Треба да се забрзаат процедурите за одобрување за проекти за обновлива енергија и да се бараат нови инвеститори. Дури и ако рускиот гас продолжи да тече, цените на енергијата веројатно ќе останат покачени оваа година, а комисијата ги повикува земјите-членки да ги заштитат потрошувачите и компаниите со мерки како што се ограничено регулирање на цените и насочена финансиска поддршка“, се вели во соопштението до медиумите од Европската комисија, јавува ДПА.