Вучиќ и официјално во трка за уште еден претседателски мандат

Александар Вучиќ

Владејачката Српска напредна партија (СНС) и официјално го кандидираше актуелниот претседател Александар Вучиќ за уште еден претседателски мандат на изборите што ќе се одржат на 3-ти април годинава. Потписите за кандидатурата во Изборната комисија ги предадоа потпретседателката на СНС Ана Брнабиќ и претседателот на Извршниот одбор на партијата Дарко Глишиќ.

„Изборите не се игра, особено во вакви моменти, иднината на Србија се решава на 3-ти април“, рече Брнабиќ и додаде дека поднеле 154.888 потписи.

Таа повтори дека целта е на 3-ти април да се испише историјата, односно да се има „историска победа“ на Александар Вучиќ во првиот круг од претседателските избори. На 5-ти март својата кандидатура ја поднесе и кандидатот на опозициската коалиција „Обединети за победа на Србија“, Здравко Понос.

Тој рече дека се кандидирал за „да ја врши функцијата претседател како што е дефинирана со Уставот - да го изрази единството на граѓаните“. Кандидатурата на Милош Јовановиќ за претседател на 5 март ја поднесе опозициската коалиција НАДА.

На 3-ти април во Србија ќе се одржат редовни претседателски, предвремени парламентарни и локални избори.