Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден ќе објави дополнителни мерки „за да ја повика Русија на одговорност“ за нејзината „неоправдана војна“ со Украина. Детали не соопштија, но неколку медиуми цитираа извори кои велат дека се очекува оти Бајден ќе го забрани увозот на руски енергенси.
Украинскиот претседател Володмир Зеленски неколкупати апелираше до Западот да престане да увезува енергенси од Русија, главниот извор на приходи на Москва.
Бајден претходно се спротивстави на идејата за санкции кон руските енергенси велејќи дека не сака да им наштети на американските потрошувачи со потег што веројатно ќе предизвика повисоки трошоци за гориво.
Нејасно е дали Европската унија ќе преземе сличен потег со оглед на тоа што е силно зависна од руските енергетски испораки. Околу една третина од потрошувачката на природен гас во Европа е од руските испораки.