Украинското разузнавање соопшти дека еден висок руски воен офицер е убиен во борбите во близина на градот Харкив. Станува збор за рускиот генерал-мајор Виталиј Герасимов, кој е вториот главен генерал кој бил убиен во борбите во Украина во последните недели.
Според соопштението од Главната управа за разузнавање на Украина, Герасимов кој е началник на Генералштабот и прв заменик командант на 41-та руска комбинирана армија, е убиен, заедно со уште неколку високи офицери. Во соопштението не се дадени детали за тоа кога и како бил убиен.
До сега нема независна потврда за смртта на Герасимов, кој беше одликуван офицер и ветеран од Втората чеченска војна во раните 2000-ти, а од неодамна и воените операции во Сирија и Крим.
Навални ги повика Русите да продолжат со антивоените протести
Руските власти досега во кусо соопштение само истакнаа дека во воениот конфликт во Украина „ има мртви и повредени“ но без детали за тоа колку жртви до сега брои руската армија.
Руската новинска агенција РИА Новости во еден од своите извештаи на 2 март цитирајќи извори од Министерството за одбрана јавува дека 498 руски војници загинале, а уште 1.597 биле ранети.
Од друга страна, Украина тврди дека нејзините сили убиле над 11 илјади руски војници.
Путин: регрути и резервисти не се пратени да се борат во Украина
Украинската разузнавачка служба позната како ГУР објави во јавноста, две аудио снимки на која се слушаа, како што велат тие, двајца руски разузнавачи кои разговараат за состојбата на борбите.
Во едната од објавените снимки, еден од офицерите жали за смртта на Герасимов. Подоцна, двајцата разговараат за лошата состојба на шифрираната комуникација што ја користат руските сили.