Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој што е во затвор, повторно повика на протести против неиспровоцираната инвазија на Москва врз Украина, велејќи дека одговорот на Русите на војната „во голема мера ќе го дефинира местото на Русија во историјата на 21-от век“.
Навални, критичарот на Кремљ моментално отслужува 2 и пол години казна-затвор за, како што го нарекуваат неговите поддржувачи и западни правни аналитичари, измислено обвинение за измама. Тој на Твитер напиша дека гневот против војната се зголемува во Русија и „ антивоеното расположение ќе продолжи да расте во општеството, така што антивоените протести не треба да се прекинат под никакви околности“.
„Едно е ако Путин убива украински цивили и ја уништи инфраструктурата која е критична за животот со целосно одобрение од руските граѓани. Меѓутоа, сосема е поинаква приказната ако крвавиот потфат на Путин не биде поддржан од општеството“, додаде тој во серија постови.
Стотици уапсени на антивоените протести во Русија
Минатата недела Навални повика на секојдневни демонстрации против војната. Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари, повеќе од 13.500 луѓе се приведени од полицијата поради протести против војната, покажуваат податоците на OVD-Info, непрофитна организација која ги следи полициските апсења низ целата земја.
Навални додаде дека низата анкети - четири онлајн анкети составени од 700 учесници од Москва, спроведени од неговите помошници и соработници покажале „брзи промени“ во оценката на улогата на Русија во војната.
Иако признава дека истражувањето било ограничено, 45-годишниот адвокат рече дека сè уште е очигледно дека „биле потребни неколку дена војна за да се доведат радикални промени во расположението кај Русите“.
„Луѓето генерално се подготвени да го променат својот став, но само ако ги вклучиме во дијалогот и им обезбедиме вистински информации за војната. Несомнено, Кремљ може да ја види и оваа динамика, па оттука и нервозата, очајните обиди што побрзо да се заврши воената кампања“, вели Навални во еден од неговите постови.