Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот разговарале со кинескиот државен и партиски лидер Си Џинпинг за војната во Украина. Како што јавува германската агенција ДПА, повикувајќи се на државната кинеска телевизија тројцата политичари разговарале денеска преку видеоврска.
Шолц и Макрон ги побарале разговори со Си во обид да ги зголемат дипломатските напори за ставање крај на војната. Сепак, Кина стои зад својот „стратегиски партнер“ Русија, како што јасно кажа министерот за надворешни работи Ванг Ји претходниот ден.
Пекинг, исто така, одбива да ја осуди инвазијата. Во Советот за безбедност на Обединетите нации, Кина само се воздржа од гласање, што францускиот претседател Макрон сепак го истакна како позитивно пред заедничките разговори со Си.
Зборувајќи на прес конференција во Пекинг денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан беше прилично воздржан и неконкретен во врска со надежите дека Кина, со своето влијание врз Русија, би можела да игра посредничка улога. Слично како и Ванг еден ден претходно, портпаролот само рече дека Кина ги поддржува сите дипломатски напори кои се погодни за мирно решение.
„Ние би сакале да играме конструктивна улога во промовирањето на мировните разговори и кога е потребно, подготвени сме да работиме со меѓународната заедница “, рече Жао.