МНР: Руси Поповска заминува во Бугарија, Фрчкоски во ОН, Буџаку во Канада

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека по добиените агремани и потпишаниот указ од претседателот Стево Пендаровски утврдени се предлози за тројца македонски амбасадори. Од МНР информираат дека предложени се Агнеса Руси Поповска за вонреден и ополномоштен амбасадор во Бугарија, Агрон Буџаку за вонреден и ополномоштен амбасадор во Канада и Љубомир Данаилов Фрчкоски за вонреден и ополномоштен амбасадор во Организацијата на Обединетите нации.

„Со ова, бројот на пополнети места - амбасадори и генерални конзули, во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, за време на мојот мандат се зголеми на 24“, наведува министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Именувањето на поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи Љубомир Фрчкоски за амбасадор во седиштето на ОН во Њујорк предизвика најмногу критики од опозицијата. Пендаровски минатата недела го потпиша указот со кој го назначи Фрчкоски и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше работата на собраниската комисија за надворешни работи, каде што професорот требаше да ги презентира своите тези за оваа позиција.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека назначувањето на Фрчкоски за амбасадор во ОН е „тежок срам за Пендаровски“.

„Човекот кој тепаше жени ќе ја преставува државата во ООН. Љубомир Фрчкоски е човек кој беше пријавен за тепање на жена на паркинг, тој е човекот кој беше обвинет за учество во шверцот на нафта и цигари во 90тите години,“ се вели во реакцијата.