Пендаровски: жените сѐ уште не се на доволно позиции од кои се носат клучни одлуки

Македонскиот претседател Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски во својата денешна порака по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените наведува дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот. Во соопштението се наведува дека и покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми.

„Жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените“, наведува претседателот.

Пендаровски пишува и дека родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество и дека ги поздравува заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи.

Инаку, под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ денеска во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март ќе се одржи шестиот Марш за женски права.

„На овој марш, заеднички ќе упатиме порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок! Општество во кое жените се сиромашни и лишени од своите права е општество кое е сиромашно!“, велат организаторите.