Во периодот од 28 февруари до 6 март регистрирани сe 2.504 нови позитивни ковид случаи, што е за 32,3 отсто помалку во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 9,4% до 18,4%, просечно 14,0%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен денеска тестирани се вкупно 17.416 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 9,4% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Скопје и Демир Капија.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.
Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најзабележително од 46,9% кај лицата од 0-9 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 3.511 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции, со намалување за 31,5% во однос на претходната седмица. Пријавени се 44 смртни случаи во 17 градови недела, за 35,3% помалку во однос на претходните седум дена. Најмногу починати се Скопје, а во однос на возраста, најголем број се над 60 години.
Хоспитализирани се 216 лица (35,9% помалку во споредба со претходна недела), од нив 150 се на кислородна поддршка (41,2% помалку во споредба со претходна недела), а осум на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (11,1% помалку во споредба со претходна недела).
Заклучно со 05.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.082 лица со барем една доза на вакцина, комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 850.803 лица, а со трета доза се вакцинирани 144.391 лица.