Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека според договорот со Русија за отворање на „хуманитарен коридор“ цивилите ќе почнат да го напуштаат опколениот североисточен украински град Суми на 8 март.
„Договорено е првиот конвој да тргне во 10 часот од градот Суми. Конвојот ќе го следи локалното население со сопствени возила“, рече Верешчук во телевизиска изјава.
Суми, кој се наоѓа во близина на руската граница и на околу 350 километри источно од Киев е цел на интензивно руско бомбардирање. Најмалку девет лица, меѓу кои две деца, загинаа во воздушен напад врз градот, соопштија украинските спасувачки служби денеска.
Дмитро Живицки, шеф на регионалната администрација на Суми, во изјава објавена на Фејсбук рано утрово наведува дека четворица украински војници исто така биле убиени во, како што наведе, „нерамноправна борба со руската војска“.