Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“ денеска во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март ќе се одржи шестиот Марш за женски права.
„На овој марш, заеднички ќе упатиме порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок! Општество во кое жените се сиромашни и лишени од своите права е општество кое е сиромашно!“, велат организаторите.
Тие додаваат дека на маршот сакаат да ги посетат клучните институции дека отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство, како и дека женската сиромаштија демне во сите аспекти од општествениот живот, а е особено изразена поради пандемијата со Ковид-19, што довело до голем број на отпуштања во индустрии како текстилната, каде најголем дел од вработените се жени, но како што посочуваат, ковид-мерки и механизми за економско зајакнување на жените отсуствуваат.
Инаку негирање на женските права, дискриминација и насилство, помало учество во политиката и на раководните функции, помали плати за исти работни места, повеќе неформална и неплатена работа, се дел од работите со кои и денес се уште се соочуваат жените.
Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ бараат наместо честитки и подароци по повод Меѓународниот ден на жената, Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.
„По повод денешниот Меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност”, велат од ЕСЕ.