Лидерите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Велика Британија ветија дека дополнително ќе ја казнат Русија поради нејзината инвазија врз Украина, соопшти Белата куќа на седми март. Се уште нема одлука за забрана за увоз на руска нафта и покрај зголемениот притисок од американските пратеници да го прекинат изворот на приходи на владата на рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Борис Џонсон одржаа видео конференција вчера и „ја потврдија својата решеност да продолжат да ги зголемуваат санкциите за Русија поради нејзината неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина “, се вели во соопштението на Белата куќа.
Но, во соопштението не се споменува можноста за забрана на увоз на руска нафта и гас, што би било особено болно за Германија поради нејзината зависност од рускиот гас. Рускиот вицепремиер Александар Новак предупреди дека забраната ќе има „катастрофални“ последици за глобалниот пазар и рече дека порастот на цените би бил непредвидлив.