Жртви и цени
РУСИЈА - Неколку руски телевизиски канали биле хакирани и нивната програма заменета со прилози за војната во Украина од независните телевизии како Денешно време и Дожд, кои беа блокирани во Русија од властите.Твитер профили поврзани со Анонимуси, онлајн активистичка заедница која првпат го привлече глобалното внимание пред една деценија, тврдат дека стојат зад овој хакерски напад.
АЛБАНИЈА - По предлог на градоначалникот Ерион Велиај, на попладневната вонредна седница, Советот на општина Тирана, донесе одлука улица во албанската метропола да се именува Слободна Украина.
ЕУ - Европа може да очекува да прими 5 милиони бегалци ако продолжи руската инвазија врз Украина и бомбардирањето на градовите, оцени денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во Монпеље во Франција.
БУГАРИЈА - На лидерот на бугарската националистичка партија Преродба, Костадин Костадинов, му е забранет влезот во Украина во наредните 10 години. Како што јави дописникот на МИА од Софија, лидерот на најмалата парламентарна партија во бугарскиот Парламент викендов бил во посета на Украина и Молдавија меѓу Бугарите од Бесарабија.
САД - Треба да ги удвоиме нашите напори за постигнување компромисен договор меѓу Косово и Србија и да ги запреме активностите кои ја загрозуваат стабилноста и напредокот во Босна и Херцеговина, изјави високиот американски функционер Габриел Ескобар.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли повиците за олеснување на визните барања за Украинците што бегаат од конфликтот, велејќи дека Британија е дарежлива земја, но мора да продолжи да проверува кој доаѓа во неа.
УКРАИНА - Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации денеска соопшти дека е потврдена смртта на 406 цивили, вклучително и 27 деца, во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Оттаму соопштија дека вистинската бројка најверојатно ќе биде многу поголема.
МАКЕДОНИЈА - Сè повеќе е размислувањето и во европските земји членки и во ЕУ дека прашањето на проширувањето станува безбедносно прашање. Ние цело време алармиравме за тоа и сега се покажува како слаба точка во услови кога ЕУ треба да игра поважна геополитичка улога, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на прашање на денешниот брифинг со новинарите.
МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА - Руската влада денеска утврди список со непријателски држави, меѓу кои се сите земји од ЕУ, САД, Црна Гора и Македонија.
МАКЕДОНИЈА - Минималната синдикална кошничка за февруари изнесува 36.146 денари и е повисока за 335 денари во споредба со претходниот месец. Во февруари минатата година, за задоволување на основните потреби на едно четиричлено семејство биле потребни 33.702 денари.