Руски олигарси изразија загриженост поради тековната руска инвазија на Украина додека западните земји поради војната во Украина продолжуваат да воведуваат санкции за милијардерите блиски до Кремљ.
Рускиот тајкун Олег Дерипаска, кој е познат по неговите блиски врски со претседателот Владимир Путин, на Твитер напиша дека војната во Украина мора да престане што е можно поскоро.
„Ни треба мир што е можно поскоро, бидејќи веќе ја поминавме точката од која нема враќање... Целиот свет ќе биде поинаков, Русија исто така“, се вели во денешниот твит на Дерипаска.
Владимир Лисин, руски милијардер, им рече на вработените во фабриката за челик НЛМК дека загубените животи во Украина се трагедија што е тешко да се оправда и повика на мирно дипломатско решавање на конфликтот.
Лисин, кој е претседател и главен акционер на НЛМК, во писмото до вработените што го објави вработен на социјалните мрежи, додава дека компанијата и нејзиниот одбор на директори се надеваат дека конфликтот наскоро ќе биде решен.
Богатиот руски бизнисмен Олег Тинков вчера објави дека повеќе не е милијардер бидејќи изгубил големи суми пари по воведувањето санкции против него и Русија поради војната во Украина. Тој исто така побара од новинарите да не го нарекуваат олигарх.
Минатата недела, Тинков и уште тројца руски тајкуни - Михаил Фридман, Пјотр Авен и Алексеј Мордашов, кои исто така беа цел на западните санкции, јавно повикаа на прекин на непријателствата.
Денеска канадскиот премиер Џастин Трудо најави нови санкции против 10 Руси, кои ги нарече „соучесници“ во „неоправданата“ инвазија на Украина.
„Ова вклучува поранешни и сегашни високи владини функционери, олигарси и поддржувачи на руското раководство“, рече тој на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Борис Џонсон и холандскиот премиер Марк Руте.
Трудо додаде дека имињата на санкционираните лица доаѓаат од списокот што го составил затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални.