Неморална понуда за евакуација на бомбардираните Украинци преку руска територија

Пожар по гранатирање на населена област во градот Мариупол во Украина

Москва нуди безбедносни коридори за евакуација од украинските градови што ги бомбардира преку нивна територија, а Украина смета дека тоа е неморална понуда и оти на украинските граѓани треба да им се дозволи евакуација преку украинска територија.

Третата рунда разговори меѓу Москва и Киев во Белорусија заврши, а украинските преговарачи забележаа мал позитивен развој за обезбедувањето хуманитарни коридори за да им се овозможи да цивилите да избегаат од градовите нападнати од Москва.

Воспоставувањето хуманитарни коридори за да се овозможи евакуација на цивилите од неколку градови кои се мета на жестоко руско гранатирање беше точка на расправии на двете страни. Претходните обиди за создавање безбедни премини пропаднаа, а илјадници луѓе останаа заробени во градовите кои Русија ги гранатира.

Ниту една страна досега не даде детали од разговорите.

Видете и ова: Руските напади во Украина продолжуваат, најавени нови преговори

Русија претходно најави ограничен прекин на огнот и воспоставување безбедни коридори кои ќе овозможат цивилите да избегаат од неколку опколени украински градови. Но, рутите за евакуација водеа кон Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, што беше силно критикувано од Украина и повеќе земји, вклучително и од францускиот претседател Емануел Макрон.

Украинската страна оцени дека понудата за коридори за евакуација преку Русија или Белорусија е неморална, а францускиот претседател Емануел Макрон ја оцени како „лицемерие“ од страна на Москва.

Да се каже дека „ќе ги заштитиме луѓето со тоа што ќе ги донесеме во Русија е лицемерно“, рече тој.

„Ова е цинизам кој е неподнослив“, оцени Макрон.

Портпаролот на украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека на украинските граѓани треба да им биде дозволено да ги напуштат своите домови преку украинска територија, нарекувајќи ја руската понуда „целосно неморална“. Тој ја обвини Москва дека се обидува да го „искористи страдањето на луѓето за да создаде телевизиска слика“ и оти намерно ги попречувала претходните обиди за евакуација.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Загинати цивили од руско гранатирање во Ирпин

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу во Анкара рече дека шефовите на дипломатиите на Русија и Украина, Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба ќе се сретнат во Анталија на 10 март, и оти и тој ќе присуствува на состанокот.

Руската страна ја потврди средбата која била договорена за време на телефонскиот разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин „на иницијатива на турскиот лидер“.

Состанокот, кој сè уште не е потврден од Кулеба, ќе биде првиот контакт меѓу највисоките дипломати од двете земји по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Во меѓувреме, украинското Министерство за инфраструктура соопшти дека цел на воен напад било црноморското пристаниште Олвиа, кое е под концесија од катарски оператор. Во нападот нема повредени, но не беа соопштени други детали.

Руските сили денеска го продолжија нападот врз Миколаив, на околу 480 километри јужно од Киев. Спасувачките служби соопштија дека гаснеле пожари во станбени области погодени во ракетните напади.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Илјадници украински бегалци на границите со соседните земји

Околу 2000 цивили денеска биле евакуирани од Ирпин, каде што три дена се исклучени струјата, водата и греењето. Жителите бегаат и од киевското предградие Буча, кое исто така е цел на воздушни напади.

Украинската полиција соопшти дека во руско гранатирање биле ранети луѓе кои се обидувале да избегаат од градовите.

ОН соопштија дека над 1.5 милиони Украинци избегале од земјата од почетокот на конфликтот, најголем дел во Полска.

Германија соопшти дека примила околу 50 илјади бегалци, а десетици илјади луѓе секојдневно пристигнуваат во соседните Молдавија и Романија.

И покрај многуте конкретни докази за руски напади врз цивилни цени, Москва негира дека напаѓа цивилни области и ја нарекува инвазијата „специјална воена операција“.