Треба да ги удвоиме нашите напори за постигнување компромисен договор меѓу Косово и Србија и да ги запреме активностите кои ја загрозуваат стабилноста и напредокот во Босна и Херцеговина, изјави високиот американски функционер Габриел Ескобар.
Изјавата на заменик помошникот државниот секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, беше објавена денеска на веб-страницата на американската амбасада во Србија. Во неа се поздравува поддршката за Украина што ја дадоа повеќе земји, меѓу нив и тие од Западен Балкан, откако Русија изврши воена инвазија врз нејзиниот сосед.
Ескобар во изјавата вели дека луѓето од овој регион многу добро знаат колку е разорен воениот конфликт.
„Не смееме да дозволиме Русија да ја користи војната што ја избра за да го спречи напредокот на земјите од Западен Балкан. Русија не се води од најдобрите интереси на овие земји. Вашите економии се поврзани со Европа. Вашите најголеми трговски партнери и инвеститори се во Европската Унија. Вашата иднина е да бидете во Европа како полноправна членка на Европската унија“, вели Ескобар.
Тој додаде дека има уште многу работа на Западен Балкан за економска интеграција, одржливи компромиси и трајни решенија за нерешените гранични спорови.
„Оваа криза нека послужи да се осигура дека идните генерации на Западен Балкан живеат во земји кои се целосно интегрирани во Европската унија, во целосна, слободна и мирна Европа“, рече Ескобар, додавајќи дека САД во тоа сакаат да бидат нивен партнер.