Започна третата рунда разговори меѓу руските и украинските преговарачи додека двете страни се обидуваат да изнајдат начин за ставање крај на инвазијата на Москва врз нејзиниот сосед.
Главна тема на разговорите се очекува да биде воспоставувањето хуманитарен коридор за евакуација на цивилите од неколку градови кои беа под силно гранатирање од страна на руските трупи. Претходните обиди за создавање безбедни коридори за евакуција не успеаја.
Локацијата на разговорите не се открива, но се очекува тие да се одржат во близина на границата меѓу Белорусија и Украина.
Русија најави ограничен прекин на огнот и воспоставување безбедни коридори кои ќе овозможат цивилите да избегаат од неколку опколени украински градови. Но рутите за евакуација водеа кон Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, што беше силно критикувано од Украина и повеќе земји, вклучително и од францускиот претседател Емануел Макрон.
Обединетите нации проценуваат дека повеќе од 1,7 милиони Украинци, главно жени, деца и постари лица, избегале од насилството што избувна по руската инвазија на 24 февруари. Над 1 милион од тие бегалци пребегаа во соседна Полска.