Хакирани неколку руски ТВ канали за да се пуштаат независни прилози за војната во Украина

Илустративна фотографија од Анонимуси

Неколку руски телевизиски канали биле хакирани и нивната програма заменета со прилози за војната во Украина од независните телевизии како Денешно време и Дожд, кои беа блокирани во Русија од властите.

Твитер профили поврзани со Анонимуси, онлајн активистичка заедница која првпат го привлече глобалното внимание пред една деценија, тврдат дека стојат зад овој хакерски напад.

Меѓу погодените телевизиски канали беа руските стриминг сервиси Винк и Иви, услуга слична на Нетфликс, и преносите во живо на ТВ каналите Русија 24, Канал 1, Москва 24, објави хакерската група на Твитер.

„Ние сме вклучени во најголемата операција на Анонимуси што некогаш била видена. Како што е се знае, ние сме загрижени дека некои влади навистина ќе не гледаат како закана и ќе создадат некакво сценарио за да изгледаме лошо. Ние сакаме само мир, а не војна “, објави групата на Твитер.

Контролата над стриминг платформите и телевизиските канали е вратена и тие повторно емитуваат без мешање на хакерите.

Ова не е прв хакерски напад врз руски медиуми за време на инвазијата на Русија врз Украина. Минатата недела Анонимуси соопштија дека хакирале неколку руски медиуми, вклучително и државната новинска агенција ТАСС, Комерсант, Известија, Фонтанка, Форбс и РБК.

Претходно, на 26 февруари, срушена беше и официјалната веб-страница Кремљ, а Анонимуси тврдеа дека стојат и зад тој хакерски напад.

Руските власти го засилија притисокот врз медиумите. Рускиот медиумски регулатор, Роскомнадзор, им нареди на медиумите да објавуваат само информации обезбедени од официјални извори. Исто така, им забрани на медиумските организации да ги опишуваат неиспровоцираните дејствија на Русија како инвазија или војна, а место тоа да користат „специјални воени операции“.