Сè повеќе е размислувањето и во европските земји членки и во ЕУ дека прашањето на проширувањето станува безбедносно прашање. Ние цело време алармиравме за тоа и сега се покажува како слаба точка во услови кога ЕУ треба да игра поважна геополитичка улога, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на прашање на денешниот брифинг со новинарите.
Тој рече дека во моментов нема директна закана за безбедноста на Македонија и на регионот, но оти охрабрувањето за европската перспектива на регионот ќе придонесе и во безбедносното консолидирање на Европската унија.
Во однос на Бугарија, Османи посочи дека комуницираме со бугарската Влада на политичко ниво. Прашан дали ЕУ ги прифаќа бугарските барања, Османи истакна дека ЕУ не е страна во овој процес.
„Јас се надевам дека до јуни ќе успееме доколку се најде решение да може да се донесе одлука за започнување на преговори со ЕУ, без притоа да утврдам рокови“, рече тој.
Министерот Османи е дециден дека обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Република Бугарија не оди во наш интерес.
„Прашањето на аналогија со руската агресија во Украина колку да звучи атрактивно мислам дека не е коректно и не е добро да се направи затоа што ова што се случува во Украина е невиден преседан после Втората светска војна во која една држава се обидува да окупира соседна држава, да ги наруши основните правила на меѓународниот правен поредок. Мислам дека не оди во наш интерес обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Република Бугарија“, рече Османи.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека украинската нација ја создал Ленин и дека Украинците се всушност дел од рускиот народ. Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и јазик. Според бугарската страна, Македонците се производ на политиката на Коминтерната и Тито. Многумина видоа аналогија во рускиот став за Украина и бугарскиот за Македонија.
Османи исто така рече дека македонската позиција кон Руската Федерација во котекст агресијата врз Украина е јасно искажана и оти Македонија ќе се придружи на сите одлуки и санкции на ЕУ во осуда, но и во дефинирање на односот кон Руската Федерација.