Министрите за надворешни работи на Украина и Русија ќе се сретнат во четврток во јужна Турција, објави официјална Анкара.
„На иницијативата на нашиот претседател и нашите интензивни дипломатски напори, министрите за надворешни работи на Русија (Сергеј Лавров) и на Украина (Дмитро Кулеба) решија да се сретнат, со мое учество на маргините“, напиша турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на Твитер.
Како што пренесува АФП, Русија претходно потврди дека нејзиниот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе се сретне со својот украински колега Дмитриј Кулеба и турскиот министер Чавушоглу на дипломатскиот форум во Турција кон крајот на неделата.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, за руската новинска агенција ТАСС изјави дека договор за тристраната средба е постигнат за време на телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „на иницијатива на турскиот лидер“.
Членката на НАТО, Турција, која дели поморска граница со Русија и Украина во Црното Море, се понуди да биде домаќин на разговорите. Анкара има добри односи и со Москва и со Киев, и ја нарече руската инвазија неприфатлива иако се противи на санкциите против Москва.
Кулеба во саботата рече дека е отворен за разговори со Лавров, но само доколку тие се „значајни“.
Русија за денеска најави нови „хуманитарни коридори“ за излез на Украинците, кон Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, потег што Киев веднаш го осуди како неморален.
Соопштението дојде по два дена неуспешни прекини на огнот за да им се дозволи на цивилите да побегнат од опколениот град Мариупол, каде што стотици илјади луѓе се заробени без храна и вода, под немилосрдно бомбардирање и не можат да ги евакуираат своите ранети.