Трошоците на животот во февруари пораснале за еден отсто, споредено со претходниот месец јануари, односно за 7,6 проценти во споредба со ланскиот февруари, објави Државниот завод за статистика. Уште поголем е растот кај цените на мало, кои се повисоки за 1,2 споредено со јануари, односно 8,6 проценти во однос на февруари, минатата година.
Пораст на индексите на трошоците на животот во февруари годинава, во споредба со претходниот месец, меѓу останатото е забележан кај цигарите за 6,6 проценти, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4,3 проценти, кафето, чајот, какаото за 2,7 проценти.
Од ДЗР регистрираат голем пораст на индексите на трошоците на животот и кај собирањето на отпадните води за 14,2 проценти, течните горива за домаќинствата за 8,8 проценти, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 проценти, патниот патнички транспорт за 4,3 проценти, но и кај велосипедите , гасот за домаќинствата, големите електрични апарати за домаќинствата.
Според ДЗС, намалување на индексите на трошоците на животот во февруари 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај пивото за 1,1 процент, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,2 проценти. Намалување има и кај воздухопловниот патнички транспорт, туристичките аранжмани, обувките, мебелот и покуќнината.
На 1 март стапи на сила владината одлука со која се ограничуваат највисоките трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени во висина до 5 отсто маржа во трговија на големо и до 10 отсто продажна цена во трговија на мало. Производите кои се опфатени со оваа мерка се лебот, шеќерот, сончогледовото масло, млеко и млечни производи, свежо месо и сувомеснати производи, јајца, пченица и тестенини како и овошје и зеленчук.
Претходно на сила беше мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на владина седница на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година.