Министерката за надворешни работи и дијспора на Косово, Доника Грвала вели дека неделава се очекува нејзината Влада да донесе одлука за прифаќање на 5.000 украински бегалци, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во нејзиното обраќање пред Комисијата за надворешна политика на Собранието на Косово, Грвала информира дека побарала од КФОР, кој е надлежен за надзор на косовскиот воздушен простор, истиот да го затвори за прелет на авиони од Русија, поради агресијата на таа држава врз Украина.
Во однос на безбедносната ситуација во земјата, шефицата на косовската дипломатија рече дека засега нема сигнали за некаква загрозеност на Косово, но дека сепак треба да се биде буден и подговен.
„Немаме конкретни сигнали за воен напад од било кого врз Косово, но треба да бидеме многу будни и подготвени, затоа што никогаш не се знае. Многумина ја потценија руската опасност во Украина и не веруваа дека може да дојде до отворена војна. Не сакаме Косово да стане жртва на погрешни и неточни проценки“, рече Грвала.
Таа сепак порача дека место за паника нема, затоа штонкако што рече, “нема никаков предзнак дека Косово е близу до вооружен конфликт со било кого“.