Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, со нон-пејпер, покренува меѓународна акција чија цел е низ контакти луѓе со луѓе да се запознае руското општество со вистинските случувања во Украина и пренесување на пораката дека „народот не е виновен за конфликтите предизвикани од нивните ирационални лидери“.
Документот, што го објави „360 степени“, се испраќа до земји членки на ОБСЕ, на Европската Унија, но и до други држави кои се придружија или самостојно воведоа политички и економски санкции за Русија. Иницијативата е и во функција на идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ.
„Одлуката на Кремљ да води војна во Украина е во спротивност со сите основни меѓународни норми, кои го гарантираат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на секоја држава. Народот во Русија треба да биде информиран и свесен за оваа бесмислена и неоправдана агресија, иако пропагандата на нивната Влада е во полн замав“, пишува во документот.
Идејата е, како што се посочува, во услови на дезинформациска кампања на која се изложени руските граѓани, да се воспостават канали на комуникација на различни групи професионалци од Европа и пошироко со нивни колеги од Русија.
„Предлагаме општествата во Европа и пошироко да бидат погласни во комуникацијата со своите колеги во Руската Федерација, со цел гласот на разумот да надвладее. Додека се осудуваат постапките на Путин, треба јасно да се каже дека народот не е виновен за конфликтите предизвикани од нивните ирационални лидери. Понатаму, тие треба да се соочат со вистината за нападите врз цивилните објекти – објекти за домување, училишта и болници, како и за цивилните жртви, вклучувајќи жени и деца“, пишува во нон-пејперот на МНР.
Последиците од неиспровоцираната и неоправдана воена интервенција на руската Влада во Украина, во поширок контекст, се наведува понатаму, се чувствуваат низ цела Европа и светот. Целта на овој ангажман, се вели во документот е да ги убеди луѓето во Русија дека остатокот од Европа и другите не се нивни непријатели.
„Треба да ги здружиме нашите напори за да го запреме страдањето. Да го увериме рускиот народ дека сакаме да го вратиме мирот и да ја продолжиме нашата соработка заснована на еднаквост, слобода, правда, почитување на човековите права и пријателски односи меѓу државите“, се наведува меѓудругото во нон-пејперот.
Во документот се поздравува и неодамна усвоената Резолуција на Генералното собрание на ОН за агресијата врз Украина, оценувајќи ја како одличен пример дека Русија е тотално изолирана во нејзиниот наратив.