Полска нема да испрати авиони во Украина, ако за тоа не одлучи НАТО

илустрација

И покрај зеленото светло на Соединетите Држави за Полска да и помогне на Украина со испраќање борбени авиони, официјална Варшава инсистира на тоа дека таквата одлука ќе мора заеднички да ја донесат сите земји членки на НАТО, а дека такви намери нема потврдија и портпаролот на полската влада Пјотр Милер и шефот на полското биро за национална безбедност Павел Солох.

„Ако е потребна одлука за испраќање авион во Украина, мора да има договор во НАТО. Не сум слушнал ништо за никакво зелено светло од НАТО за таква одлука. Нема одлука за испраќање на авиони за Украина“, изјави Милер синоќа за ТВ Полсат, по повикот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД дава зелено светло на Полска да и помогне на Украина со испраќање авиони.

Милер повторно ја демантираше веста што кружи дека украинските борбени авиони би можеле да полетаат од територијата на Полска, наведувајќи дека „нема такво нешто“.

Шефот на Бирото за национална безбедност, Павел Солох, денеска за приватната полска телевизија Н24 изјави дека кога се во прашање борбените авиони, нема никакви одлуки.

„Како што рече владата, не планираме да ги испратиме“, рече Солох.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара од соседите и земјите од НАТО авиони како дел од помошта за испорака на оружје за Украина. Има информации дека ловци од руско производство може да бидат испратени од Полска, Словачка и некои други источноевропски земји, како и неофицијални информации дека Полска прво бара гаранции дека за замена на авионите што ќе ги испрати ќе треба да добие борбени авиони Ф-16 од САД. Официјална Варшава ваквите информации ги демантира.