САД активно размислуваат за договор со Полска, за да ѝ бидат испорачани на Украина воени авиони од руско производство, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Украинските пилоти веќе знаат како да управуваат со нив, а Блинкен рече дека САД би можеле да ѝ дадат на Полска авиони за замена.
„Сега активно го разгледуваме прашањето за авионите што Полска би можела да ѝ ги испорача на Украина и гледаме како би можеле да го направиме тоа, доколку Полска одлучи да ги испорача тие авиони“, рече Блинкен.
„Не можам да зборувам за точниот датум, но можам само да ви кажам дека го разгледуваме тоа многу, многу активно“, рече Блинкен.
Коментарите следуваат по барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски НАТО да го прогласи небото над Украина за забранета зона за летови или сојузниците да му помогнат со авиони.
Но, руското Министерство за одбрана ги предупреди соседите на Украина дека би можеле да се најдат вмешани во конфликтот.
Борбите денеска продолжија во многу делови на Украина, откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, а руската инвазија на земјата влезе во 11-от ден, по што има бројни извештаи за загинати жители и уништување на објекти и инфраструктура, а повеќе од 1,5 милиони луѓе беа принудени да ја напуштат земјата, според податоците на Обединетите нации.