Украина ја информираше Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека управувањето со нуклеарната централа Запорожје е под наредба на командант на руските сили кои ја контролираат централата.
МААЕ во соопштението наведува дека генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси е „екстремно загрижен“ за најновите случувања. Според безбедносните упатства на МААЕ, оперативниот персонал „мора да биде способен да ги исполнува своите безбедносни обврски и да има капацитет да донесува одлуки без непотребен притисок“.
Гроси рече дека ситуацијата што Украина ја пријавила во Запорожје „се коси“ со ова упатство, кое е едно од оние што МААЕ ги нарекува „седумте незаменливи столбови на нуклеарната безбедност и сигурност“.
МААЕ, исто така, наведува дека украинскиот нуклеарен регулатор ѝ кажал на Агенцијата со седиште во Виена дека има проблеми во комуникацијата со персоналот што управува со Запорожје, што е спротивно на уште еден од од столбовите за безбедност.
Руските сили во централта исклучија некои од мобилните мрежи и интернетот „за да не може да се добијат доверливи информации од локацијата преку нормалните канали на комуникација“, се вели во соопштението на МААЕ.
Комуникацијата со мобилен телефон сè уште беше можна, но со слаб квалитет, се додава во соопштението. Гроси рече: „Јас сум исклучително загрижен за овие случувања што ми беа пријавени денеска“.