Во украинскиот град Ирпин, северозападно од Киев, падна граната на улица додека цивили бегаа од градот. Извештаите засега велат дека има најмалку тројца загинати.
Како што известува Њујорк Тајмс, руските сили коишто денеска напредувале кон Киев истрелале минофрлачки гранати врз уништениот мост што го користеле евакуираните кои бегаат од борбите, при што испаничените цивили почнале да трчаат додека се кревал облак од прашина, а тројца членови на едно семејство веќе лежеле загинати на тротоарот.
Од саботата на 5 март наваму, групи од стотици луѓе се собриаат околу оштетениот мост на реката Ирпин. Украинските сили претходно го разнесоа мостот за да го забават руското напредување.
Денеска само десетина украински војници биле во непосредна близина на мостот. Тие не се бореле, туку помагале во носењето на багажот и децата на цивилите, наведува Њујорк Тајмс.
Гранати прво паѓале на околу 100 метри од мостот, а потоа имало серија громогласни експлозии во делот од улицата каде луѓето бегале.
Борбите денеска продолжија во многу делови на Украина, а руската инвазија на земјата влезе во 11-от ден, по што има бројни извештаи за загинати жители и уништување на објекти и инфраструктура, а повеќе од 1,5 милиони луѓе беа принудени да ја напуштат земјата, според податоците на Обединетите нации.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските ракети денеска „целосно го уништиле“ цивилниот аеродром во Виниција, град кој се наоѓа во централна Украина.
Украинската војска соопшти дека води „жестоки битки“ со руските сили во околината на јужниот град Миколајев - кој го контролира патот до клучниот црноморски град Одеса на западниот дел на земјата.
Во соопштението се вели дека руските сили лансирале стотици проектили и артилериски напади низ целата земја, вклучително и дека фрлиле моќни бомби врз станбените области на Чернихив.
Жителите се обидоа да побегнат од градовите Буча и Ирпин, каде беа извршени воздушни напади.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска ја повтори својата молба до светските лидери да воведат зона на забранети летови.
„Ние сме луѓе и ваша хуманитарна должност е да не заштитите, да ги заштитите луѓето. И вие можете да го направите тоа“, рече Зеленски.
„Ако не го направите, ако барем не ни дадете авиони за да се заштитиме, може да има само еден заклучок: сакате да не убиваат полека“, рече Зеленски.
Досега земјите од НАТО ја отфрлија идејата за воспоставување зона на забранети летови над Украина.