Украинскиот претседател Володомир Зеленски предупреди дека руските сили се подготвуваат да го бомбардираат градот Одеса, кој се наоѓа на југот на земјата.
Има извештаи дека се поставени неколку воени контролни пунктови во градот, но улиците засега сѐ уште се мирни и главно празни. Речиси еден милион луѓе живеат во историскиот пристанишен град на брегот на Црното Море.
Одеса се наоѓа блиску до молдавската граница и до отцепениот молдавски регион Придњестровје кој е е поддржан од Русија. Уште од почетокот на инвазијата пред 11 дена, руските сили напредуваа во јужна Украина.
Градскиот службеник за европска солидарност од Одеса, Михаило Шмушкович, изјави дека повеќе од 100.000 луѓе веќе го напуштиле градот. Но, тој додаде дека градот е „подготвен за борба“.
„Тоа може да се случи во секој момент. Никогаш не можете да бидете подготвени за тоа“, рече Шмишкович.
Претходно денеска, украинскиот претседател Зеленски рече дека руски ракети го уништиле цивилниот аеродром во главниот град на централно-западниот регион Виниција.
Во видеото објавено на социјалните мрежи, Зеленски ја повтори својата молба до светските лидери да воведат зона на забранети летови.
„Ние сме луѓе и ваша хуманитарна должност е да не заштитите, да ги заштитите луѓето. И вие можете да го направите тоа“, рече Зеленски.
„Ако не го направите, ако барем не ни дадете авиони за да се заштитиме, може да има само еден заклучок: сакате да не убиваат полека“, рече Зеленски.
Досега земјите од НАТО ја отфрлија идејата за воспоставување зона на забранети летови над Украина.