Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека САД и нивните сојузници водат „многу активна дебата“ за воведување на забрана за увоз на руска нафта и природен гас, во најнова ескалација на санкциите кон Русија како одмазда за инвазијата врз Украина.
Запрашан за увозот на нафта и гас, Блинкен за Си-Ен-Ен денеска изјави дека американскиот претседател Џо Бајден на оваа тема свикал состанок на Советот за национална безбедност еден ден претходно.
Бајден и западните сојузници досега не вовдоа санкции против профитабилната руска енергетска индустрија, за да избегнат повратна реакција и удар врз нивните економии.
„Сега сме во разговори со нашите европски партнери и сојузници за да ја координираме можноста за забрана на увоз на руска нафта, а истовремено да се осигураме дека сè уште има соодветно снабдување со нафта на светскиот пазар“, рече Блинкен.
Тој рече дека за тоа се води „многу активна дискусија.“