Припадници на Здружението на Украинците во Република Северна Македонија, „Лесја Украинка“, како и македонски граѓани, денеска одржаа протест на Плоштадот „Македонија“ во Скопје против руската инвазија врз Украина.
Учесниците во собирот држеа транспаренти на кои бараа да се зоната за летови над Украина и „Да запре агресијата врз Украина.“
Ова е втор протест против војната во Украина, откако Здружението на 25 февруари одржа протестен марш кој заврши пред руската амбасада во Скопје.
Борбите продолжија и денеска во многу делови на Украина, а руската инвазија на земјата влезе во 11-от ден, по што има бројни извештаи за загинати жители и уништување на објекти и инфраструктура, а повеќе од 1,5 милиони луѓе беа принудени да ја напуштат земјата, според податоците на Обединетите нации.
Денеска имаше и втор неуспешен обид за евакуација на цивили од опколениот украински град Мариупол, а Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за прекршување на привременото примирје.
Евакуацијата на некои од 400.000 жители заробени од руските сили кои го опколија градот требаше да започне денеска напладне, според привремениот прекин на огнот којшто беше предвидено да трае до 21 часот по локално време.