Рускиот претседател Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон денеска повторно имаа телефонски разговор, кој траел еден час и 45 минути, соопшти француското претседателство.
Деталите за што се разговарало сѐ уште не се познати. Двајцата лидери имаа телефонски раговор во четвртокот, по кој Макрон доби впечаток дека целта на Путин е да ја окупира цела Украина, како што изјави француски функционер.
Макрон е еден од неколкуте светски лидери кои во последните денови разговараа со Путин, со надеж дека ќе посредуваат за прекин на огнот во Украина.
Претходно денеска, Путин разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој повика на итен прекин на непријателствата.
Според Кремљ, Путин му рекол на Ердоган дека украинските преговарачи треба да имаат „поконструктивен пристап“ во разговорите и дека треба „целосно да ги земат предвид новите реалности“.
„Беше нагласено дека прекинот на специјалната операција е можна само доколку Киев ги прекине воените операции и ги исполни познатите руски барања“, соопшти Кремљ.
Русија својата инвазија ја нарече „специјална операција“.
Кремљ соопшти дека Путин му рекол на францускиот претседател дека „Украина е одговорна за провокацијата во нуклеарната централа Запорожје“.
Огнениот напад на Русија врз југоисточниот град Енерходар и нуклеарната централа Запорожје во градот, која е најголема во Европа, предизвика итна осуда од светските лидери, а министрите за надворешни работи на ЕУ и НАТО размислуваат за нови санкции.
Според мониторингот за атомска енергија на ОН, не е испуштен ниту еден радиоактивен материјал.