ОН - Најбрзо растечка бегалска криза во Европа од Втората светска војна

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен се сретна со бегалците во прифатниот центар за бегалци на украинско-полскиот граничен премин во Корчова, Полска, 5 март 2022 година.

Бегалската криза во Украина е најбрзо растечка во Европа по Втората светска војна, со повеќе од 1,5 милиони украиснки бегалци кои ја напуштија земјата во последните десет дена, соопштија Обединетите нации.

„Повеќе од 1,5 милиони бегалци од Украина за десет дена се преселија во соседните земји, што е најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна“, напиша на Твитер високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди.

Украинците кои успеаја да побегнат отидоа во соседните земји Полска, Романија, Словачка и други места, додека десетици илјади луѓе се внатрешно раселени.

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации проценува дека до јули бројот на бегалци може да се искачи на четири милиони.

За време на посетата на украинските бегалци на полската граница викендов, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Вашингтон бара 2,75 милијарди долари за хуманитарната криза.

Овој потег доаѓа откако украинската армија денеска објави дека е вклучена во „жестоки битки“ против руските сили со цел да ги контролира границите во јужниот град Миколаев и градот Чернихив на север.

„Главните напори се насочени кон одбрана на градот Мариупол“, соопшти армијата на Фејсбук. Во објавата се вели дека во тек е операција на украинските сили во регионот на Доњецк.

Украинската армија тврди дека досега соборила 88 руски авиони и дека заробила некои пилоти.

Мариупол со денови е под опсада и без струја, храна и вода. Откако Русија прогласи прекин на огнот за отворање на хуманитарен коридор, локалните власти соопштија дека 450.000 жители би можеле да почнат да го напуштаат градот со автобуси и приватни автомобили.

Градскиот совет на Мариупол соопшти дека денеска ќе се почитува привремениот прекин на огнот од 10 до 21 часот по локално време.

Украина ден претходно соопшти дека руските сили продолжуваат да ги гранатираат коридорите за евакуација кои требало да бидат отворени, додека Русија ги обвини украинските „националисти“ за спречување на цивилите да заминат.

Во вчерашното телевизиско обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика луѓето во окупираните области од руските трупи да се борат.

„Мораме да излеземе и да го избркаме ова зло од нашите градови“, рече Зеленски, ветувајќи дека ќе ја обнови својата нација.