Повеќе од 600 демонстранти се уапсени во 21 руски град, според невладината организација „ОВД-Инфо“ која ја следи политичката репресија, откако затворениот опозициски лидер Алексеј Навални ги повика Русите да протестираат против војната во Украина.
ОВД-Инфо, повикувајќи се на извори од локални медиуми, соопшти дека повеќе од 200 лица се приведени во сибирскиот град Новосибирск.
Навални повика на демонстрации на главните плоштади во руските градови во 14:00 часот по локално време - во Москва и Санкт Петербург во 12 часот по средноевропско време.
Масовните апсења станаа норма на антивладините протести во Русија. „ОВД-Инфо“ наведува дека најмалку 8.000 демонстранти се приведени или уапсени во Русија од почетокот на војната во Украина пред 11 дена.