Aмериканскиот државен секретар Антони Блинкен вети дека САД ќе ѝ помогнат на поранешната советска пријателска република Молдавија, за да се справи со приливот на бегалци од Украина.
Блинкен денеска се сретна со високи молдавски претставници кои бараат меѓународна помош за згрижување на повеќе од 120.000 бегалци од Украина и безбедносни гаранции за можна руска агресија.
Блинкен рече дека начинот на кој Молдавија ги прими бегалците е инспирација за светот.
„Се восхитуваме на великодушното гостопримство, подготвеноста да се биде толку добар пријател на луѓето во тешкотии и навистина сакам да направам сѐ што можеме за да ви помогнеме да се справите со товарот што го носи ова“, рече Блинкен.
Блинкен вчера беше во Полска каде вети дополнителна помош за Украина, а претходно и во Брисел.
Американскиот државен секретар им вети 2,75 милијарди долари на Полска и на земјите каде бегалците од Украина бараат спас од војната, а американскиот претседател Џо Бајден веќе ги побара парите од Конгресот.
Бројот на украински бегалци се приближува до 1,5 милиони додека руската инвазија влегува во 11-ти ден
Русија веќе има трупи во Молдавија стационирани на спорната територија Придњестровје и тие се внимателно следени додека рускиот претседател Владимир Путин продолжува со инвазијата врз Украина.
Иако Молдавија не планира да стане членка на НАТО, таа пред три дена официјално поднесе барање за пристап во ЕУ, во обид да ги зајакне своите врски со Западот.