Радио Слободна Европа ја прекина работата во Русија

РСЕ емитува програма за руската публика од 1953 година и одржува физичко присуство во Русија од 1991 година кога го основаше своето московско биро.

Радио Слободна Европа го суспендираше своето работење во Русија, откако локалните даночни власти на 4 март започнаа стечајна постапка против рускиот ентитет на РСЕ, а полицијата го засили притисокот врз новинарите.

Запирањето на работата, исто така, доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој секој новинар кој отстапува од ставот на Кремљ за војната во Украина, може да подлежи на 15-годишна затворска казна.

Претседателот и извршен директор на РСЕ, Џејми Флај, рече дека одлуката на компанијата „е принудена од нападот на режимот на Путин врз вистината“.

„По годините на закани, заплашувања и малтретирање на нашите новинари, Кремљ, очаен да ги спречи руските граѓани да ја дознаат вистината за неговата нелегална војна во Украина, сега ги означува чесните новинари како предавници на руската држава“, рече Флај.

Големите меѓународни радиодифузери, вклучително Би-Би-Си Њуз, Си-Ен-Ен, Блумберг, канадскиот национален радиодифузер Си-Би-Си и германските АРД и ЗДФ вчера објавија слични одлуки да ја прекинат својата работа во Русија.

Руските власти го засилија притисокот врз медиумите, заканувајќи им се за нивното известување за инвазијата и за теми како што е големиот отпор што го даваат украинските сили и покрај огромната воена моќ на Русија.