Руската инвазија влегува во 11 ден, скоро 1,5 милиони украински бегалци

Бегалци делат оброк додека чекаат трансфер по бегството од тековната руска инвазија на главната железничка станица во Лавов, Украина. 5 март 2022 година.

Бројот на бегалци кои бегаат од војната во Украина се очекуваше до денеска да достигне 1,5 милиони, бидејќи руската инвазија на Украина влезе во својот 11-ти ден со „жестоки“ борби кои се водат во многу делови од земјата.

Украинците кои можеа да избегаат, заминаа во соседните земји Полска, Романија, Словачка и на други места. Агенцијата за бегалци на Обединетите нации процени дека до јули бројот на бегалци може да се зголеми на 4 милиони.

За време на посетата на украинските бегалци на полската граница во текот на викендов, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Вашингтон бара 2,75 милијарди долари за хуманитарната криза што се развива.

Тоа се случува во услови кога украинската војска денеска соопшти дека е вклучена во „жестоки битки“ со руските сили за контрола на границите во јужниот град Миколаев и Чернихив на северот од земјата.

„Главните напори се фокусирани на одбраната на градот Мариупол“, соопшти војската на Фејсбук. Во објавата се додава дека операција на украинските сили била во тек и во регионот на Доњецк.

Мариупол со денови е под опсада и без струја, храна и вода. Откако Русија прогласи прекин на огнот за отворање на хуманитарен коридор, локалните власти соопштија дека населението од 450.000 може да почне да го напушта градот со автобуси и приватни автомобили.

Но, евакуацијата е одложена, а официјалните лица рекоа дека „руската страна не се придржува до прекинот на огнот и продолжува да го гранатира и самиот Мариупол и неговата околина“.