Украинските власти ги прекинаа плановите за цивилна евакуација во два опколени града, по известувањата за пукање од руските војници и покрај тврдењето на Министерство за одбрана на Русија дека наредило прекин на огнот околу Мариупол и Волноваха, врз основа на меѓусебенот договор за воспоставување на хуманитарни коридори.
Официјалните лица во стратешкиот јужен град Мариупол преку социјалните мрежи објавија дека „поради фактот што руската страна не се придржува до прекинот на огнот и продолжи да го гранатира самиот Мариупол и неговата околина, како и од безбедносни причини, евакуацијата на цивилното население е одложена“.
Заменик-градоначалникот на Мариупол, Сергеј Орлов за Би-Би-Си изјави дека договореното примирје за евакуирање на цивилите од градот не траело „повеќе од 30 минути“.
Требаше да се одржи петчасовна пауза, под надзор на Црвениот крст, за да им се овозможи на цивилите да го напуштат Мариупол и Волноваха, мал град на север.
Сепак, Орлов рече дека неговиот град бил под „континуирано гранатирање“ набргу по почетокот на прекинот на огнот, а биле нападнати училишта, градинки и автобуси кои требало да се користат за евакуација на цивили.
Градските власти на Мариупол соопштија дека продолжуваат разговорите со Русија за тоа како да се осигура „безбеден хуманитарен коридор“.
„Ги замолуваме сите жители на Мариупол да се вратат во нивните засолништа“, рекоа градските власти. Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук во видео изјава рече дека Русија „го прекршила договорот“ и дека „го гранатира градот Волноваха“ и покрај посредништвото на Црвениот крст.
Верешчук рече дека тековните напади се со „тешко вооружување“ и ја повика руската страна „да го прекине гранатирањето, да го врати прекинот на огнот и да дозволи формирање на колони од хуманитарниот коридор за да можат децата, жените и постарите лица да ги напуштат населбите“.
Не беше јасно дали руските бомбардирања престанале во кој било момент. Руското Министерство за одбрана соопшти дека наредило прекин на огнот во Мариупол и Волноваха, но дека нејзината офанзива, која започна пред 10 дена, продолжува во Украина, каде меѓународните тела веќе ги истражуваат обвиненијата за воени злосторства и други престапи против цивили.