Во понеделник трета рунда преговори меѓу Русија и Украина

Преговори меѓу делегациите на Русија и Украина во Белорусија.

Русија и Украина во понеделник на 7 март ќе ја одржат третата рунда разговори за завршување на непријателствата, објави украинскиот преговарач Дејвид Арахамија во објава на Фејсбук, без да даде дополнителни детали.

Во претходната рунда која се одржа во четвртокот, страните се согласија да отворат хуманитарни коридори за да им овозможат на цивилите да излезат од некои борбени зони, иако имаше одложувања во нивното спроведување, потсетува Ројтерс.

Инвазијата на Русија врз Украина продолжува и денеска, иако двете страни договорија прекин на огнот во градовите Мариупол и Волноваха за воспоставување на хуманитарни коридори. Додека руските сили уверуваат дека воените дејствија се запрени, градските власти во Мариупол тврдат дека руската војска не го почитува прекинот на огнот и дека евакуацијата на цивилите е одложена.

Претходно утринава, руското Министерство за одбрана нареди делумен прекин на огнот во опколените украински градови Мариупол и Волноваха, за да се овозможи цивилите да ги напуштат градовите низ хуманитарни коридори. Сепак, градскиот Совет на Мариупол подоцна соопшти дека прекинот на огнот не се почитува целосно.

Воениот напад на Русија врз Украина започна на 24 февруари, а оттогаш Киев и другите градови се под жестоки ракетни напади. Москва тврди дека цели на воени објекти, а дека воената опорација е за „демилитаризација“ и „деназификација“ на Украина.