Путин предупреди против воведување зона на забранети летови над Украина

Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека санкциите наметнати од западните земји по руската инвазија над Украина, се „слични на објавување војна“ и предупреди дека секоја земја што ќе се обиде да воведе зона на забранети летови над Украина, ќе се смета за страна во конфликтот.

„Овие санкции што се воведуваат се слични на објава на војна, но фала му на Бога не дојде до тоа“, рече Путин говорејќи денеска во центарот за обука на „Аерофлот“ во Москва.

Зборувајќи за повиците на Киев кон НАТО за Алијансата да воведе зона на забранети летови над Украина, барање коешто беше одбиено од западната одбранбена Алијанса, како и од САД и европските лидери, Путин рече дека „секое движење во оваа насока од нас ќе биде сметано како учество на соодветната земја во вооружен конфликт“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше НАТО, бидејќи по вчерашниот вонредниот состанок потврди дека нема да воведе зона на забранети летови над Украина, со образложение дека одлуката ќе доведе до повеќе цивилни жртви од руското бомбардирање на Украина.

„Денеска раководството на алијансата даде зелено светло за натамошно бомбардирање на украинските градови и села“, рече Зеленски за соопштението на НАТО.

НАТО тврди дека испраќањето авиони на Алијансата да патролираат во воздушниот простор на Украина би значело соборување на руски воени авиони, за што алијансата рече дека ќе ризикува војна во Европа и ќе доведе до дополнителни човечки страдања.

По рускиот неиспровоциран напад врз Украина на 24 февруари, западните земји воведоа широк опсег на сè построги економски санкции кон Русија, во обид да ја убедат Москва да ја запре војната.