Украинската влада отвори веб-страница за регрутирање на странски доброволци во „меѓународна легија“, за да се борат против инвазивните руски трупи. Потегот следи по повторените повици на претседателот Володимир Зеленски за приклучување на надворешни лица во одбраната на неговата земја.
Претседателската канцеларија на Украина денеска го објави лансирањето на веб-страницата и соопшти дека „странците кои сакаат да ѝ помогнат на Украина, на веб-странцицата можат да најдат детални инструкции за тоа како да се приклучат во праведната борба против агресорот“. На веб-страницата се предлага луѓето да контактираат со украинската амбасада во нивните земји.
Но, такво учество во странски конфликти е забрането во многу земји.
Конвенцијата на ОН за платеници од 2001 година исто така забранува регрутирање, користење, финансирање и обука на платеници.
Украинската веб-страница за регрутирање вели дека договорите со владата може да се потпишат по пристигнувањето во Украина.
Зеленски неколку пати изјави дека Украина ги поздравува странците кои сакаат да им се придружат на украинските сили, кои се борат против руските трупи од почетокот на инвазијата на 24 февруари.
Тој потпиша декрет за воведување безвизен влез во Украина за странски волонтери, кој стапи на сила на 1 март.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на 2 март изјави дека повеќе од 1.000 странци изразиле подготвеност да се приклучат на украинската армија.