Активистите на организацијата „Жени во црно“ денеска се собраа во центарот на Белград да ѝ дадат поддршка на Украина. Собири за поддршка на Украина денеска беа одржани во Загреб и други градови во Хрватска, како и во Лондон и во Рим.
Во Белград, активистите на „Жени во црно“ носеа транспаренти на кои пишуваше „Дајте шанса за мир“, „Стоп за војната во Украина“, „Солидарност со мировните движења во Русија и Украина.“
Собирот беше обезбедуван од бројни полициски сили, а на истото место членовите на Новата комунистичка партија на Југославија (НКПЈ) и Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) развија плакат за поддршка на Русија. Тие извикуваа „Долу НАТО фашисти.“
Собирите се одвиваа без инциденти.
Воениот напад на Русија врз Украина започна на 24 февруари, а оттогаш Киев и другите градови се под жестоки ракетни напади. Москва тврди дека цели на воени објекти, а дека воената опорација е за „демилитаризација“ и „деназификација“ на Украина.
Но, снимките и сликите од украинските градови го покажуваат спротивното. Некои од извештаите велат дека досега се убиени повеќе од 2.000 цивили од почетокот на инвазијата, меѓу кои и повеќе од 20 деца, а дека над милион луѓе ја напуштиле земјата.
Во Хрватсака, собири за поддршка на Украина се одржаа на централниот плоштад во Загреб и во неколку други хрватски градови. Во градот Пула Украина ја поддржаа Русите од Пула.
На собирот, на кој присуствуваа околу 2.500 луѓе и вееја украински и хрватски знамиња и беа истакнати пораки за поддршка на Украина и осуда на руската агресија.
Луѓе денеска се собираа во Рим на протести за мир и против руската инвазија на Украина. Тие носеа транспаренти на кои пишува стоп војната во Украина. Сличен собир се одржа и во Лондон.