Шведска и Финска најавија зголемена безбедносна соработка

Финската премиерка Сана Марин.

Премиерките на Шведска и Финска денеска на заедничката прес-конференција во Хелсинки изјавија дека дополнително ќе ја поддржат нивната безбедносна соработка, во услови на зголемена дипломатска активност во двете земји кои не се членки на НАТО, откако Русија кон крајот на минатиот месец ја започна својата инвазија врз Украина.

Состанокот меѓу шведската премиерка Магдалена Андерсон и финската премиерка Сана Марин дојде по предупредувањата од Москва дека ќе преземе „одмазднички чекори“ доколку некоја од нивните земји се приклучи во НАТО.

Истовремено, со средбата на Андерсон и Марин, состаноци одржаа и министрите за одбрана на Финска и Шведска.

Министрите за надворешни работи на Финска и на Шведска на 4 март присуствуваа на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, на кој воената алијанса ги отфрли повиците да биде воспоставњена зона на забранети летови над Украина, но бараше начини за прекин на борбите.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го напушти состанокот ветувајќи дека алијансата „ќе ја зајакне нашата координација и споделување информации со Финска и Шведска“ и рече дека и двете земји се вклучени во сите консултации на НАТО за Украина. Сепак, тој истакна дека безбедносните гаранции на НАТО се однесуваат само на 30-те членки на Алијансата.

Двете земји се членки на Европската унија, а Финска дели 1.340 километри граница со Русија. Финскиот претседател Саули Ниинисто на 4 март се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, при што Бајден ја нарече руската инвазија на Украина „напад врз безбедноста на Европа“.