Ердоган ќе разговара со Путин за запирање на војната во Украина

Архивска фотографија - Рускиот претседател Владимир Путин на средба со неговиот турски колега Таип Ердоган во Сочи.

Портпаролот на Реџеп Таип Ердоган вели дека турскиот претседател на 6 март ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин и дека Анкара е подготвена да направи сѐ што може за да ја запре војната во Украина.

Турција е членка на НАТО и има блиски односи, и со Киев и со Русија. Земјата бара прекин на борбите, откако рускиот претседател Путин на 24 февруари ја започна инвазијата врз Украина.

Портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин, денеска во Истанбул рече дека Турција е подготвена да помогне во решавањето на кризата.

Тој ја повтори понудата на Турција да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина и повика на итен прекин на насилството.

Портпаролот ја повтори желбата на Ердоган да ги задржи своите врски и со Москва и со Киев.

Амбасадорот на Русија во институциите на ОН во Женева, Генади Гатилов, на 4 март го поздрави предлогот на Анкара да биде организиран состанок меѓу рускиот и украинскиот министер за надворешни работи за време на дипломатскиот форум во Анталија, кој ќе се одржи од 11 до 13 март оваа година.

Михаило Подољак - советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека Киев сака „одговорен меѓународен посредник“ бидејќи украинската страна „воопшто не ѝ верува на Руската Федерација“.

Подољак посочи дека Турција, Унгарија или Полска би можеле да бидат домаќини на можните разговори. Украинските делегати од почетокот на инвазијата одржаа две рунди разговори со нивните руски колеги.

Ердоган одржа одвоени разговори со Зеленски, кој е во Киев и ја предводи воената и цивилната одбрана на Украина, и со британскиот премиер Борис Џонсон кој денеска вети дека од следната недела ќе бидат спроведени дополнителни правни мерки за санкционирање на богатите Руси, за кои се смета дека се блиски до Кремљ.