Десетти ден од руската инвазија, стравувања за загинати украински цивили

УКРАИНА -- Фотографија од последиците од борбите во Бородјанка, во киевската област, 3 март 2022 година.

Украинската војска предупреди дека инвазивните руски сили се борат да го опколат главниот град Киев, како и вториот по големина град на истокот Харкив, додека западните дипломати бараат мерки за да го запрат конфликтот и предупредуваат дека цивилите најверојатно ќе бидат под поинтензивен напад.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака објавена рано денеска, потврди дека тој и други високи функционери остануваат во Киев.

„Продолжуваме да се бориме. Ќе ја заштитиме нашата држава. Ќе ја ослободиме нашата земја“, рече Зеленски.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека и покрај интензивните дипломатски напори во Брисел, ситуацијата во Украина „веројатно ќе се влоши пред да се подобри“, рече тој.

Украинската војска на 10-от ден од инвазијата, во денешен извештај објавен рано утринава наведе дека руските сили во нивните напади користат воздушна поддршка и високопрецизно оружје.

Министрите за надворешни работи на НАТО, кои се состанаа еден ден претходно, ги отфрлија повиците, вклучително и од Киев, за Западот да воведе зона на забранети летови во Украина, за да ја стави украинската армија и цивилна одбрана во порамноправна положба со руските сили.

Зеленски доцна синоќа одговори дека одбивањето на НАТО да воведе зона на забранети летови сигнализира „слабост“ и „недостиг на единство“.

Украинската војска на 5 март соопшти дека руските војници се обидуваат да ја прошират својата заробена територија до административните граници на источните региони Луганск и Донбас, каде што сепаратистите поддржани од Русија водат осумгодишна војна против централната влада.

Украинската команда соопшти дека Киев продолжува да се бори против „непријателската офанзива“.

Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, соопшти дека повеќе од 1,2 милиони луѓе ја напуштиле Украина, од почетокот на војната која ја започна рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари.