Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека е договорено рекордно зголемување на пензиите во Македонија. Тој рече дека, според новата методологија, усогласувањето на пензиите ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50 отсто, и за просечна плата, исто така 50 отсто.
Со новата методологија, пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари, од септември ќе добијат покачување од околу 900 денари.
Усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати во годината, односно тогаш кога Заводот за статистика ги дава официјалните податоци.
Премиерот Ковачевски соопшти дека освен новата методологија, се постигна договор и за пакет интервентна финансиска помош за пензионерите од по 1000 денари во месеците април, мај и јуни.
„Овие дополнителни 3000 денари за овие три месеци, се исклучително добредојдени во овој период на продлабочена криза енергетска криза“, нагласи Ковачевски.
Оваа одлука е донесена на денешниот состанок на кој учествуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, со сите засегнати страни, вклучувајќи го и Сојузот на пензионерите и Партијата на пензионерите.