САД во Советот за безбедност на ОН: За влакно спречена нуклеарна катастрофа

Американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

Соединетите Американски Држави и нивните сојузници жестоко ја критикуваа Русија во Советот за безбедност на ОН, поради гранатирањето и заземањето на украинската нуклеарна централа Запорожје, пренесува Ројтерс.

„Светот синоќа за влакно спречи нуклеарна катастрофа“, рече американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

Денеска беше свикан итен состанок на 15-члениот Совет за безбедност, откако руските сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје на истокот на Украина.

„Нападот на Русија синоќа ја доведе во ризик најголемата европска нуклеарна електрана. Нападот беше неверојатно непромислен и опасен, со што беше загрозена безбедноста на цивилите ширум Русија, Украина и Европа“, рече американската амбасадорка во ОН.

Во електраната избил пожар откако била погодена од гранати. Во текот на ноќта пожарот беше изгаснат, но нападот на нуклеарната централа предизвика тревога ширум светот.

Амбасадорката на Обединетото Кралство во ОН, Барбара Вудворд рече дека нападот не смее да се повтори.

„Дури и за време на нелегалната инвазија на Украина, Русија мора да продолжи да се бори подалеку и за ја заштити безбедноста и сигурноста на нуклеарните локации“, рече Вудворд.

Рускиот пратеник во ОН, Василиј Небензја ги отфрла стравувањата на Западот за нуклеарната централа. Тој вели дека денешниот состанок на Советот за безбедност е уште еден обид на украинските власти да создадат „вештачка хистерија“.

„Моментално нуклеарната централа во Запорожје и соседната територија ја чуваат руските сили“, рече тој.

Воени операции околу нуклеарни локации и други критични цивилни инфраструктури се „неприфатливи“ и “многу неодговорни“, рече на состанокот шефицата на ОН за политички прашања Розмери Дикарло.

„Реакторите на украинската нуклеарна централа не се оштетени откако проектил погодил во зграда на таа локација“, рече претходно шефот на
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. Тој додаде дека верува оти проектилот е руски.

Украинските власти соопштија дека тројца нивни војници загинале, а двајца се ранети за време на рускиот напад на нуклеарната централа.

Руското Министерство за одбрана пак обвини дека зад пожарот стојат украински саботери и додаваат дека сега руските сили ја контролираат централата.

Светските лидери ја обвинија Русија дека ја загрозува безбедноста на целиот континент по нападот на нуклеарката.